Билатералните проблеми не смеат да останат трајни пречки на патот кон Брисел и затоа ќе работи на тоа „да не се увезуваат билатералните прашања во процесот на проширување“, изјави кандидатката за нов еврокомесар за проширување Марта Кос на денешното сослушување пред во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ).
– Очекуваме земјата кандидат Северна Македонија да го промени Уставот како што вети, ништо повеќе и ништо помалку, истакна Кос во одговор на прашање бугарскиот европратеник од националистичката проруска партија Преродба, Станислав Стојанов, во врска со, според него, „обидите на Северна Македонија да го одложи или ограничи усвојувањето на уставните промени со што би се овозможило рамноправност на Бугарите со останатите делови на народи“.
Кос истакна дека уставните измени се обврска за земјава наведена и во овогодишниот извештај за напредокот на европскиот пат на кандидати за членство, додавајќи дека во процесот на пристапување на ЕУ мора да се почитуваат владеењето на правото, човековите права и правата на припадниците на малцинствата.
На дополнително прашање на Стојанов, како планира во исполнувањето на нејзините заложби за брзо решавање на споровите меѓу земјите кандидатки и членките на ЕУ, да ги штити интересите на државите кои се дел од Унијата, Кос истакна дека кога станува збор за билтерализацијата нормално е дека приоритет ќе имаат интересите на членките на блокот, но дека таа заедно со нејзините колеги ќе работи на тоа „да не се увезуваат билатералните прашања во процесот на проширување“.
– Но, имаме ситуација како во вашата земја која сега е дел од ова и штом еднаш го имаме преговарачкиот процес, имаме многу повеќе алатки како да им помогнеме на земјите кандидати, а од другата страна и на земјите членки да најдат решението. Нема друг начин и не можам да одредам датум колку долго ќе трае тоа. Споровите треба да се решаваат врз основа на принципите на нашите вредности. Помагањето на земјите кандидати и на земјите членки ќе биде многу важен дел од мојата работа. Нема друг начин, истакна Кос.
Во воведното обраќање Кос потенцира дека процесот на проширување е маратон, а не спринт и тој мора да остане заснован на принципот на индивидуални заслуги, но дека треба да се работи на постепено интегрирање на земјите кандидати во клучните сектори, пред се на заедничкиот пазар.
– Треба да ги прифатиме само оние нови членки, кои ќе се определат за клучните принципи на Европа, како што се демократијата и владеењето на правот, рече кандидатката за еврокомесарка за проширување.
Кос се обврза да обезбеди сите земји опфатени со проширувањето да бидат добро подготвени во овој процес, но ја нагласи и потребата од силна европска посветеност кон земјите кандидати.
– Сакам да видам конкретни резултати во процесот на пристапување на земјите од Западниот Балкан. Да ја претвориме оваа можност во реалност за Западниот Балкан. Помирувањето и регионална соработка се клучни елементи на процесот на проширување на Западниот Балкан. Ако го потврдите мојот избор повеќе ќе се вклучам во надминувањето на билатералните проблеми и изнаоѓањето решенија. Тие не смеат да останат трајни пречки на патот кон Брисел, им порача Кос на европратениците.
Кос се осврна и на слободата на медиумите во кандидати за членство, посочувајќи дека држава која не ги гарантира слободата на говорот и медиумскиот плурализам, не може да стане членка на ЕУ.
Таа се обврза и на тесна соработка со Украина, поддржувајќи го нејзиното закрепнување и обнова во координација со Г7 и меѓународни партнери.
– Поддршката на Украина и возвраќањето на руската агресија се апсолутен приоритет, истакна додавајќи дека преговорите за членство на Украина мора да бидат „европска ѕвезда водилка за оваа херојска нација“, како и дека истото важи и за Молдавија“.
Кос најави и поддршка на напорите на ОН за решавање на кипарското прашање, од што, како што нагласи ќе зависи и темпото на односите меѓу ЕУ и Турција во иднина, како и дека ќе ги поддржи напорите за поттикнување мир меѓу Ерменија и Азербејџан.
– Секогаш ќе ги бранам човековите права, демократијата, основните слободи и владеењето на правото и ќе ги потсетам земјите опфатени со процесот на проширување дека нема преговори за овие начела, додаде Кос.
Според неа, потребата е одржување на интегритетот на процесот на проширување и со конкретни активности во насока на постепена интеграција во ЕУ да им испрати позитивен сигнал на граѓаните на земјите кандидати за членство.
Кос нагласи и дека процесот на проширување не само што треба да се базира на исполнувањето на релевантните критериуми од земјите кандидати за членство, туку треба да биде транспарентен и во однос на парите што се трошат.
– За да се подготват земјите членки и ЕУ за проширувањето, потребните внатрешни реформи на ЕУ треба да се одвиваат паралелно со него, рече Кос, повикувајќи на поголема вклученост на граѓанското општество во земјите членки во овој процес и апелирајќи до европратениците да го поддржат проширувањето и ги објаснат неговите придобивки пред своите гласачи.
Инаку, на сослушувањето на Кос, покрај членовите на АФЕТ, присуствуваа и европратеници од комитетите за граѓански слободи, правда и внатрешни работи (ЛИБЕ) и за уставни прашања (АФЦО) и од Поткомитетот за човекови права (ДРОИ).