Кошта: ЕУ ќе го поддржи Гренланд и Данска и нема да дозволи кршење на меѓународното право

Претседателот на Советот на Европската Унија, Антонио Кошта, денес изјави дека ЕУ ќе ја поддржи Данска и Гренланд кога тоа ќе биде потребно и нема да дозволи кршење на меѓународното право, без разлика каде се случува тоа.

„Што се однесува до Гренланд, дозволете ми да бидам јасен: Гренланд припаѓа на својот народ. Ништо не може да се одлучи во врска со Данска и Гренланд без Данска или без Гренланд“, рече Кошта на церемонијата за преземање на претседавањето со ЕУ од страна на Кипар.

Тој истакна дека Данска и Гренланд ќе имаат „целосна поддршка и солидарност“ од Европската Унија, реагирајќи на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека сака САД да го преземат Гренланд, остров под суверенитет на Данска, заради неговата важност за американската воена стратегија и безбедност.

Кошта додаде дека претседавањето на Кипар со ЕУ се случува во време кога меѓународниот поредок е под притисок, поради што ги повика сите држави членки на ЕУ да се спротивстават на овие дејствија.

„Европската Унија не може да прифати кршење на меѓународното право – било на Кипар, во Латинска Америка, Гренланд, Украина или во Газа“, потенцира Кошта.

Зачлени се на нашиот е-билтен