Кошта: Потребно е да се намалат тензиите во регионот и на северот од Косово за да може ЕУ да ги укине мерките за Косово

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денеска во Приштина изјави дека е потребно да се намалат тензиите во регионот и на северот од Косово за да може Европската унија да ги укине казнените мерки против Косово.
„Како што знаете, овие мерки се поврзани со потребата од намалување на тензиите во регионот и на северот од земјата. Се надевам дека деескалацијата ќе се случи што е можно поскоро. По деескалацијата можеме да продолжиме и да ги откажеме мерките“, рече Кошта на заедничката прес-конференција со претседателката на Косово, Вјоса Османи.

ЕУ воведе казнени мерки за Косово во 2023 година, по ескалацијата на тензиите на север, и сè уште ги држи во сила со образложение дека Косово сè уште не направило доволно за да ја смири ситуацијата во општините со мнозинско српско население на север.

Кошта го нарече проширувањето на ЕУ за Западен Балкан „најголемата геополитичка инвестиција“.

„Ова е одлична можност за Западен Балкан и од суштинско значење е да се продолжи со агендата на реформи и да се искористат нејзините придобивки. Нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија е во интерес на граѓаните и овој процес е од витално значење за вашиот пат кон Европската Унија“, рече Кошта.

Зачлени се на нашиот е-билтен