– Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, најави заострување на мерките за прекршителите на сообраќајните правила, откако во последно време се евидентирани зголемен број сообраќајни несреќи со смртни последици, јави дописникот на МИА од Приштина.
Свечља на денешната прес-конференција, која ја одржа заедно со директорот на полицијата на Косово, Газменд Хоџа, рече дека во текот на оваа година во сообраќајни незгоди животот го загубиле 104 лица и дека тоа го прави неопходно заострувањето.
Зборувајќи за саботната несреќа на автопат во близина на Призрен, кога три лица го загубија животот во несреќа при незаконска трка со автомобили, Свечља рече дека групата што ја организирала таа трка била двапати спречена од полицијата да организира такви натпревари.
– Годинава што ја затвораме, полицијата изрече 76 казни за лица кои организирале нелегални трки со автомобили. За случајот во саботата косовската полиција двапати спречила иста група да организира вакви натпревари … како што е веќе објавено, истите групи имаат последователни казни за пребрзо возење и загрозување на сообраќајот, додека на едно од лицата му е одземена возачката дозвола за брзо возење, истакна Свечља.
Тој рече дека започнале и дисциплинска истрага за раководна одговорност.
– Веќе е поведена дисциплинска истрага за раководна одговорност, поместени се двајца командири на сообраќајни единици, а изработен е и нов оперативен план за патниот сообраќај, изјави Свечља.
За заострувањето на мерките за безбедност во сообраќајот, министерот за внатрешни работи на Косово рече дека тие се неопходни со оглед на статистиката за сообраќајни несреќи со смртни последици.
– Поаѓајќи од големиот број несреќи и загуби на човечки животи во сообраќајот, планираме заострување на мерките и нивно спроведување без никаков компромис. Годинава загубивме 104 граѓани во сообраќајни незгоди, меѓу кои и пешаци, додаде Свечља.
Директорот на косовската полиција, Хоџа изјави дека 44 отсто од загинатите во несреќите годинава се возачи, 28 отсто пешаци и 27 отсто патници.
Тој ги наведе и најчестите причини за сообраќајни несреќи.
– Според полициските анализи, најчести причини се неодржување на безбедно растојание меѓу возилата, небезбедно ракување со возилото, неприлагодување на брзината на условите на патот, непочитување на првенството на минување, небезбедно вклучување во коловозот, неправилно претекнување или промена на лентата, изјави Хоџа.