Косово на 500 €, Србија 551: Македонија единствена со минималец под 500

WIKIMEDIA COMMONS

Регионалната мапа на минимални плати се прецртува од 1 јануари 2026: Србија ја крева нето-минималната плата на 64.554 динари (околу 551 €), Албанија оди на 50.000 лек (≈515 €), Бугарија потврди цел од 620 €, а Косово со двофазно зголемување стигнува до 500 € во 2026. Во овој контекст, Северна Македонија засега останува единствена во соседството со минималец под 500 €.

Во Косово одлуката е во две стапки: 425 € од јануари 2026, па 500 € од јули 2026, по образложение дека скокот треба да ја следи состојбата на пазарот и капацитетите на приватниот сектор.

Србија формално го усвои нето-износот од 64.554 динари, што важи од 1 јануари 2026, по неуспешни социјални преговори.

Албанија ја утврди целта од 50.000 лек за 2026, со најави дека нема да има нови даночни оптоварувања во првите 18 месеци по зголемувањетo.

Во Бугарија, по притисок на синдикатите, владата излезе со бројка од 620 € (1.213 лева) од 1 јануари 2026, иако околу буџетот се водеа расправи за пониско ниво; финалната политичка линија е 620 €.

Во Северна Македонија, минималната нето-плата од март 2025 изнесува 24.379 денари (бруто 36.037), со законско усогласување што донесе околу +1.812 денари нето за 2025. Тоа реално ја држи под прагот од 500 €.

Сојузот на синдикати порача дека барањето за „минималец 500 €“ е веќе недоволно и дека ќе се ревидира нагоре за 2026, имајќи ги предвид трошоците за живот.

Паралелно, новото истражување на ЗМАИ ја лоцира бруто-просечната плата кај нас околу 1.000 € (околу една третина од ЕУ-просекот) и предупредува дека побрз раст на продуктивноста и инвестиции во технологија се предуслов за траен раст на платите.

Зачлени се на нашиот е-билтен