Косово се интегрира во првата институција на ЕУ – станува дел од ЕЕСК

Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК) стана првата институција на ЕУ која одлучи да прифати членови од Косово, по тоа што пред повеќе од една година ги примила членовите од сите земји кандидати за членство во ЕУ.

Сега, ова советодавно тело во рамките на структурата на Европската унија ќе ги вклучи и претставниците од Косово, кои ќе бидат избрани преку тековна процедура. Во Комитетот учествуваат претставници на граѓанското општество, економските организации, синдикатите и други социјални и економски партнери.

ЕЕСК веќе објави повик за кандидати од Косово, кои можат да се пријават до 24 октомври 2025 година. Откако ќе бидат избрани, тие ќе учествуваат во работата на Комитетот на еднакви основи со сите други учесници од земјите кандидати и членките на ЕУ, но без право на глас. Правото на глас го имаат исклучиво членовите од државите членки на ЕУ.

Од институцијата наведуваат дека, иако Косово претходно не било вклучено во пилот-фазата поради својот статус, по консултации со Европската комисија и други релевантни учесници, е отворена втора фаза на иницијативата и за Косово, како потенцијален кандидат за членство.

Со ова, Косово официјално се вклучува во активностите на ЕЕСК и ќе има исти статус и можности како и другите кандидати од земјите на проширување, освен правото на глас.

Зачлени се на нашиот е-билтен