Костадинов: Кога власта не го гради затворениот базен во Струмица, нека не остават ние да го завршиме

Давам предлог, нека се откажат од проектот за затворен базен и нека не остават мене, мојот тим и Советот на Општина Струмица да го завршиме овој важен проект за граѓаните и граѓанките на општина Струмица, порача градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, од денешната прес конференција што ја одржа пред запуштениот објект на затворениот базен, кој почна да се гради опред скоро две години.

Додаде дека овој предлог го дава за да не излезе дека само ја критикуваат централната власта, но, сепак, очигледен е инаетот што власта го води кон Струмица.

-Очигледно душманскиот пристап со Струмица и струмичани расте и се интензивира веројатно од некаква нивна помисла дека на тој начин ќе можат да ќарат некакви политички поени, но реалноста е сосема друга. Денеска сме пред најавуваниот затворен школски базен којшто веќе требаше да биде изграден во Струмица, почнат од претходната Влада, но гледаме дека истиот е обраснат со трева и нема никакви активности. Инаетот оди до таму да власта од ВМРО ДПМНЕ дури нема чувство за грижа кон дечињата во Струмица коишто овде треба да имаат часови по пливање. Навистина жалам што локалните авторитети, пратеници од ВМРО ДПМНЕ, не преземаат ништо во однос на свесно закочените проекти во општина Струмица, потенцираше Костадинов.

Подвлече дека примерот со закочени објекти не е само со затворениот базен. Ист таков бил и примерот со регионалниот пат А4 Струмица – Дабиле каде, според струмичкиот градоначалник, дефинитивно станало јасно дека свесно се кочат експропријациите и затоа изведувачите не можат да си ја завршат работата за проекти за кои Општината сака да ги реализира.

Зачлени се на нашиот е-билтен