Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Костадинов: На граѓаните им е преку глава од партиски препукувања, да градиме општество со мерливи критериуми за успех

„Државата мора да се развива во контекст на дела, а не на зборови. На секој еден граѓанин му е, народски кажано, преку глава од дневнополитички партиски препукувања. Мораме да се развиваме како општество со мерливи критериуми за тоа што сме постигнале“, рече градоначалникот на Валандово и потпретседател на СДСМ, Перо Костадинов во „Студио 10“ на ТВ24.

Тој додаде дека значајно е во тие процеси да не се прави поделба по ниту една основа.

„Голем дел од тензиите и темата национализам се користи со подлабоки и повисоки цели. Но кога ќе навлезете во суштината на проблемот ќе сфатите дека граѓаните можат прилично добро да функционираат во една заедница и систем“, рече Костадинов.

Градоначалникот рече дека Валандово е мултиетничка средина, со повеќе етнички заедници, но тоа не се истакнува и дискутира.

„Доколку ние тоа го потенцираме ќе стимулираме поделби. Воопшто не го дискутираме тоа како тема, бидејќи сметаме дека секој граѓанин е еднаков и заслужува еднакво место под Сонцето“, рече Костадинов.

„Мора да поработиме, како држава, на планот на децентрализација, за да голем дел од општините да можат сами да го креираат својот развој. Тука пред се мислам на фискалната и финансиската децентрализација која е многу значајна“, рече градоначалинкот на Валандово.

Тој додаде дека Валандово има мал буџет, но како општина редовно го користи механизмите и можностите за добивање нови извори на финансирање.

„Ние ги користиме сите механизми кои ни стојат на располагање за финансирање на капитални проекти. Сегашното ниво на децентрализација на општините не им дозволува да работат високи капитални проекти, без повици за дополнително финансирање. Од нас зависи на кој начин и како ќе ги искористиме тие средства“, рече Костадинов.

Градоначалникот истакна дека на европскиот пат ќе мора да се изедначиме со стандардите во ЕУ, па поради тоа ќе мора да се зголемува процесот на децентрализација на општините.

Зачлени се на нашиот е-билтен