„Има огромна разлика меѓу почитта која македонската влада ја оддава кон великаните и промоторите на македонскиот јазик и оспорувањата на нивните дела пласирани од опозицијата“, напиша на сицијалните мрежи министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Костадиновска-Стојчевска истакнува дека „македонскиот џин, кодификаторот на македонскиот јазик, основачот на Филолошкиот факултет, на МАНУ и основоположникот на македонската современа поезија, за нас секогаш бил и ќе биде македонски великан“.
„Блаже Конески. Тие го оспоруваа, го нарекуваа ‘џуџето од Небрегово’. Додека тие оспоруваат и понижуваат, ние ја промовиравме македонската култура пред УНЕСКО. Затоа УНЕСКО ги славеше годишнините од раѓањата на Конески и Шопов како дел од светското културно наследство“, нагласува министерката за култура во својата објава.
Таа дополнува „додека тие го блокираат новиот Закон за македонски јазик, ние го ставивме во редот на рамноправните европски и светски јазици и во идентитетската карта на Обединетите Нации и во редот на еднаквите европски јазици“.
„Ќе останеме горди, силни и нескршливи пред сите злонамерници за да се види колку се ништожни бесрамните чинови на порекнување на големите македонски дела и големите македонски дејци. Ќе бидеме громогласни како што беа громогласни и нашите претходници, афирматори и заштитници на македонскиот идентитет“, потенцира во својот текст на сицијалните мрежи министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.