Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Костадиновска-Стојчевска, Битиќи и Маричиќ: Нула толеранција за дискриминацијата и кршењето на човековите права

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во честитката на социјалните мрежи по повод Меѓународниот ден на човековите права напиша дека „и после 75 години од усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права таа останува цврста основа за заштита на основните права и слободи на сите луѓе, особено денес кога најсериозните прекршувања на човековите права се случуваат во сенка на многу конфликти ширум светот“.

„Почитување на принципот сите човекови права секому, секогаш и секаде, е универзална вредност врз која го градиме концептот Едно општество, во кое секој поединец има можност да го реализира својот целосен потенцијал без разлика на различностите. Сите сме еднакви, да градиме култура на човекови права. Секогаш да се водиме од нашата определба за нула толеранција за дискриминацијата и кршењето на човековите права“, истакнува министерката за култура.

Костадиновска-Стојчевска посочува дека „македонското општество во соработка со меѓународните партнери продолжува да ги зајакнува институциите и правната рамка и е на вистинскиот пат да стане европско општество, кое ги штити и промовира универзалните вредности во сите сегменти“.

„Продолжуваме да се бориме против дискриминацијата, насилството и неправдата и работиме на градење општества каде што сите имаат еднакви можности, во кое човековите права се неотуѓива реалност за секого, а не само обичен стремеж“, напиша Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во честитката на социјалните мрежи по повод Меѓународниот ден на човековите права.

Вицепремиерот задолжен за економските ресори Фатмир Битиќи во својата објава на социјалните мрежи нагласува дека „одржливиот развој не може да се реализира без стабилност и безбедност, како услови за остварување на едно од човековите права – правото на достоинствен живот“.

„Како потписничка на Универзалната декларација за човековите права и како земја која ги прифати како свои 17-те глобални цели на ОН за одржлив развој, нашата земја ги усогласи националните развојни приоритети, рамката за почитување и унапредување на човековите права, обврските за родова еднаквост со Агендата 2030“, напиша Битиќи.

Битиќи уште наведува дека „имајќи го членството во Европската Унија како главен национален приоритет, Северна Македонија негува стабилно, правично и инклузивно општество со транспарентни, ефективни и одговорни институции како основните предуслови за да може едно општество да се нарече заедница на еднакви слободни и достоинствени граѓани.

„Континуираното подигнување на заштитата на човековите права и успешната грижа за нив е вистински показател за силата на секое општество. Од потпишувањето на 10ти декември 1948, во Париз на Генералното Собрание на Обединетите Нации, во овие 75 години Декларацијата за човекови права е она што не обединува и води низ вредностите и условите во кои создаваме општество со еднакви права за сите“, истакнува во честитката по повод Меѓународниот ден на човековите права вицепремиерот Фатмир Битиќи.

Во честитката на заменик претеседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ потсетува на клучниот постулат на Универзалната декларација на ОН од 10 декември 1948 година:  „Сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права“.

„Во време кога светот е изложен на сериозни, драматични, трагични воени и терористички акти,  кога е загрозено првото и најважно човеково право, правото на живот, мора силно да се залагаме за мирно разрешување на конфликтите низ дијалог и дипломатија, за меѓусебна толeранција и разбирање. Затоа, да прифатиме да не зборуваме за подобрување на човековите права само на 10 декември, туку да зборуваме и да работиме на тоа секој ден во годината“, напиша Маричиќ.

Маричиќ потсетува „наша обврска денес е да бидеме дел од оние што учествуваат во зајакнувањето на меѓународниот систем за почитување на човековите права, да ги развиваме стандардите и максимално да настојуваме на исполнувањето на обврските“.

Најново