Да се биде жена е привилегија, а да се биде жена во политика е успех и борба, во една сѐ уште машка професија. Живеењето како жена во политиката во свет каде што доминира машкото присуство е едно изразено предизвикувачко искуство, вели министерката за култура, Бисера Костадиновска- Стојчевска за Градска.мк.
– Во свет каде што сексизмот и дискриминацијата во политиката се реалност, жените се соочуваат со предизвици во форма на скриени предрасуди и ограничени можности за напредок. Во овој контекст, искуството на жените политичари станува борба за изградба на легитимност и прифаќање, додава таа одговарајќи на прашањето колку е тешко да се биде жена во политиката во време кога секојдневно сме сведоци на родово-базирано насилство во општеството.
Министерката додава дека многу жени во политиката се борат за пробивање на тие ограничувања.
-Истрајноста и ангажираноста на жените политичари стануваат инспирација за другите, а нивните борби оставаат трајен отпечаток врз формирањето на инклузивна политичка средина, вели Костадиновска-Стојчевска.
Во однос на тоа дали Министерството ќе се приклучи кон проектот „Сложувалка“ таа вели дека министерството за култура ќе го стави својот дел во „Сложувалката“, на 5 ти декември во Битола, кога се носители на активности во рамки на оваа кампања додавајќи дека родовото базирано насилство е појава која може да се случи секаде, и дома и јавно, во работната околина.
-Ова е феномен со кој се соочуваат сите земји и кои има влијание не само на жртвите, туку и на општеството како целина. И затоа борбата против оваа најраспространета форма на кршење на човековите права и нарушување на човековото достоинство мора да биде заедничка, на секој од нас, на сите институции, на сите општествени чинители, додава таа.
Како Влада, вели министерката Костадиновска Стојчевска имаме нулта толеранција за било каков вид насилство и градиме систем кое го препознава и може да одговори на секаков вид на родово базирано насилство.
-Политиките на Владата се во насока на подобрување на финансиската независност на жената и со мерки кои даваат можност отворање на сопствен бизнис, како и за неповратна помош за жени земјоделки. Ја зајакнавме заштитата на жртвите на родово базирано насилство со отворање на 16 нови сервиси, во сите плански региони. Нашите активности се показател дека сакаме да создадеме општество каде ќе им се верува на институциите, каде нема толеранција за насилството, и во кое сторителите да се казнуваат“.
Министерката Бисера Костадиновска Стојчевска понатаму истакнува дека нашата политичка волја за борба против насилството врз жените е покажана со дела, но мора да биде уште поефективен, со интегриран пристап на сите државни и судски органи, како и граѓанското општество и медиумите, но од другата страна со промена на свеста за оваа појава за која треба да зборуваме јавно и гласно.
-Со ова го потврдуваме нашиот пристап кон овој проблем, што е показател за цивилизациски развој на општеството, но и наша обврска како демократска држава и идна членка на Европската Унија“.
Кампањата „Сложувалка“ е проект по повод 16-те дена активизам за борба против насилство врз жените, во организација на Министерството за труд и социјална политика и Канцеларијата на УНФПА во Република Македонија.
Н.Абдурахмани (Градска.мк)