Повеќе не смееме да дозволиме објавување на годишни конкурси за култура без суми и во годишен конкурс на Министерство за култура да се финансира одбрана на докторат на еден од сегашните советници на одредени претседатели на партии, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во гостувањето во Канал77.
-Еве земете годишен конкурс од 2010 година. Никаде не пишува сума и кој за што добива пари, како што сега се знае и започнуваат дебати кој колку пари за каков проект има земено, па да се прави компарација едни меѓу други, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека буџетот на Министерството за култура не смее да го достигне таквото ниво.
-Еден од главните предизвици за наредната година е да оставиме буџет за култура кој ќе биде на завидно ниво и парите да се трошат транспарентно. Имаме три последователни извештаи на Заводот за ревизија во кои се реагира како претходно се трошеле парите, не само по однос на годишната програма, туку и на самото работење на Министерството за култура, кажа министерката.
Таа истакна дека сме имале различни профили на министри за култура, но на дел од нив основната цел им била да го направат проектот „Скопје 2014“ за којшто сè уште ги плаќаме фактурите и сè уште се соочуваме со тужби.
-Сè уште има одлив од буџетот на Министерството за култура, но и на ниво на Влада заради тој фамозен проект. Јас бев пратеник кога гласавме нов заем за да ги платиме тие долгови. Со еврообврзниците се уште плаќаме стиропори и споменици. Тој проект е симбол како не треба да се вложува во културата, рече Костадиновска Стојчевска, посочувајќи дека одредени лица наплаќале и по 20 илјади евра хонорар.
Намалениот буџет на Министерството за култура за оваа година се должи на фактот дека моравме да ги обезбедиме платите на културните работници коишто се гарантирани со Колективниот договор, рече министерката.
-Колективниот договор ги унапредува платите на културните работници и стабилноста на функционирањето на културните работници и културните установи беше предизвик кој го поставивме во фокус, бидејќи од вкупниот буџет 51,3% се препишува на платите, рече Костадиновска-Стојчевска.
Со Синдикатот во 2019 година е усвоен Колективен договор со кој, преку растот на минималната плата растат и платите на културните работници.
-Ваквиот Колективен договор тие го заслужуваат, бидејќи петнаесет години се бореа за своите права и имаа примања кои не беа на нивото на образование и на нивото на културната работа и уметноста со која се занимаваат. Нивните плати досега се обезбедуваа преку ребалансите, а сега се обезбедни во буџетот, рече министерката.