Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, во рамки на работната посета на Лондон, денеска оствари средба со Викторија Билинг, директорка за Европа во Министерството за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, како и со директорот на глобалната мрежа на Британскиот совет, Чарли Вокер.
Како што соопшти Министерството за култура, на средбата на Костадиновска-Стојчевска со Билинг било реафирмирано 30-годишното партнерство и пријателство меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, при што министерката за култура ја истакнала силната определба за развивање и зацврстување на билатералното партнерство со Обединетото Кралство.
-Во тој контекст, Костадиновска-Стојчевска изрази благодарност и за поддршката во доменот на економската соработка, како и за силната посветеност на Обединетото Кралство во процесот на европската интеграција на земјава. Како министерка за култура, пак, Костадиновска-Стојчевска ја истакна и важноста на културната размена во согласност со потпишаниот Договор во областа на културата, кој е правна рамка за зајакнување на размената. Костадиновска-Стојчевска и Билинг искажаа заемна благодарност за досегашната соработка, истакнувајќи дека Северна Македонија е важен партнер во односите со Обединетото Кралство, со кое ги дели истите вредности, се наведува во соопштението.
Министерката за култура ја споделила со директорот на Британскиот совет, Вокер, исклучително позитивната улога на глобална мрежа во нашата земја, посочувајќи дека соработката меѓу Министерството за култура и Британскиот совет овозможи развој на културните и креативните индустрии во нашата земја, како и реализација на голем број заеднички проекти преку националните институции во културата и образованието.
-Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска изрази уверување дека регионалниот пристап во реорганизацијата на Британскиот совет нема да биде на штета на нашата успешна соработка, особено во делот на креативните индустрии. На средбата стана збор за можностите од поголема достапност на програмите на Британскиот совет во нашата земја и засилени кампањи за нивна афирмација, информира Министерството за култура.
Средбата била повод да се разговара и за поврзаноста на туризмот и културното наследство, како и за зголемениот интерес на Британците за нашата земја.
Посетата на министерката за култура на Обединетото Кралство продолжила на Факултетот за словенски и источноевропски студии при Универзитетскиот колеџ во Лондон.
Костадиновска-Стојчевска попладне ќе има средба со раководството на Филмскиот фестивал за жени над 50 години (WOFFF).
Во 18 часот таа ќе присуствува и ќе се обрати на свечен концерт по повод 30-годишнината од воспоставување дипломатски односи со Обединетото Кралство, заедно со специјалниот пратеник за Западен Балкан на британскиот премиер, Лорд Пич. (МИА)