Костадиновска-Стојчевска: Кокино е значајно културно и природно наследство, целиме кон негово впишување на престижната листа на УНЕСКО

„Моќно е чувството да стоите на местото каде што пред 4000 години со поглед кон Сонцето и кон Месечината со неверојатна прецизност се мереле часот, денот, месецот, годината, времето. Вршени се истражувања, собран е и евидентиран богат движен материјал. Кокино е впишано на Тентативната листа на УНЕСКО, но треба да се направи уште многу за да се впише и на престижната листа“, изјави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска при посетата на древниот локалитет Кокино.

Таа се заблагодари за поддршката што нашата култура ја добива и преку Амбасадорскиот фонд на САД. Од 2001 г. до денес се поддржани 15 проекти. Преку овој фонд, во 2006-та се изврши заштита на мегалитската опсерваторија Кокино.

Жените носителки на јавни функции и дипломатки во земјава, кои беа дел од пешачката тура „Кокино – поглед кон бесконечноста“ изразија воодушевување и задоволство од можноста да го посетат Кокино и изразија надеж дека ова значајно културно и природно наследство ќе се најде на листата на заштитени добра од страна на УНЕСКО.

На пешачката тура „Кокино – поглед кон бесконечноста“ ѝ претходеше и посета на црквата „Св. Ѓорѓија“ во Старо Нагоричане каде што присутните се запознаа со богатата историја и културното наследство на овој крај.

Треба да знаете
Moже да ве интересира