„Објектите на Скопје 2014 се како ‘циркони’ кои може да се ‘светликави’, но тоа не е сјајот на Скопје. Тие кич циркони се симболи на делба, а Скопје не е тоа на ниту еден начин“ напиша министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на нејзниот Фејсбук профил.
Таа додаде дека Скопје по земјотресот требаше да биде град на нова ера, агора на демократијата и форум на слобода, но во децениите што следуваа Скопје доживеа и еден идеолошко-политички земјотрес на самоповиканите квази урбанисти и идентитетски квази инжинери преку проектот „Скопје 2014“.
„Го откорнаа градот од неговата органска поврзаност со вековната, препознатлива приказна на град со отворена и инклузивна урбана средина на различни култури и традиции. Го нарушија единствен ритам на пријателска, комшиска заедница во која солидарноста е нишката која поврзува“ напиша Костадиновска-Стојчевска.
Во објавата, министерката додава дека Скопје е град на кој не му личат делбите, туку град на кој му приличи заедништвото и емпатијата.
„60 години Скопје на солидарноста возвраќа со љубов и останува отворен град за сите. Каков што бил отсекогаш и кога бил Скупи, и Јустинијана, и кога со старата чаршија била новоизградена“ пишува Костадиновска-Стојчевска.
„Пружената и прифатената рака подоцна стана симболична претстава за градот кој со сочувството, љубовта и солидарноста на светот важи за парадигма за човечноста која е најмоќната сила за обнова и нов почеток. Така Скопје го доби скапоцениот камен во круната наречен солидарност“ посочува Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека тој скапоцен камен на на солидарноста денеска го сведочат бројни објекти, јавни установи, станбени објекти и цели населби кои беа изградени како подарок со љубов за Скопје.
„Станувајќи град на солидарност, Скопје ќе остане запаметен како град за чија обнова резолуција донесоа Обединетите Нации кога ги повикаа тогаш најголемите и најзначајни светски урбанисти и архитекти Константин Доксијадис од Грција, Кензо Танге од Јапонија, Адолф Циборовски од Полска и уште цела плејада други светски и југословенски архитекти и урбанисти“ напиша Костадиновска-Стојчевска.
Министерката исткна дека сите беа обединети околу идејата Скопје да биде град на нова ера, агора на демократијата и форум на слобода.
„Беа исцртани и поставени темелите на една модерна метропола во која главен двигател е неговиот континуиран развој со обележја коишто проникнуваат и се надоврзуваат на неговата автентичност“, напиша Костадиновска-Стојчевска.