Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Костадиновска-Стојчевска: Оркестарот за џез музика ќе се развива во уште посериозен двигател на музиката во земјава

„Уверена сум дека Оркестарот за џез-музика ќе се развива во уште посериозен двигател на културата во земјава и афирматор на македонската музика и изведувачка уметност низ светот“, рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска на прес-конференција на која објави дека се обезбедени средства за опремување на „Куќата на џезот“, новиот дом на Оркестерот за џез музика.

Таа додаде дека со работата на Здружението на џез-музичари во делот од градот – каде што се наоѓаат и средното музичко училиште, Факултетот за музичка уметност, Националната опера и балет, Филхармонијата, па и живиот парк „Ибни Пајко“ – се заокружува музичкиот простор.

„Со Оркестарот за џез-музика се комплетира и се збогатува ова музичко и уметничко опкружување, и со оглед на тоа што џезот е музика на слободни стилови, убедена сум дека постојаното присуство на џезерите овде ќе значи нов квалитет за културата, за социјалниот живот и за сликата на Скопје“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката кажа дека како што вети при формирањето на Националната установа Оркестар за џез музика, потребни беа само неколку месеци за да се формализира одлуката за основање на оваа установа.

Министерството за култура обезбеди изработка на Основен проект за реновирање и уредување на просторот и за санација на инсталациите на подрумските простории во зградата на Националната установа Национална опера и балет.

„Просторот е со површина од 475 квадратни метри и со проектот се предвидува уредување на простор за проби и за режија, мало студио, простор за чување инструменти и ноти, машки и женски гримиорни, тоалети и три канцелариски простории“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката кажа дека проценетата вредност на реновирањето е околу 200 илјади евра (11.714.709,00 ден.), средства што ги обебзеди Министерството за култура заедно со вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

Фатмир Битиќи

Битиќи посочи дека со ова се создава модерен амбиент каде оркестарот ќе може непречено да создава џез музика, со што Северна Македонија ќе ја постави на мапата на земји кои институционално го негуваат овој стил на музика.

„Се работи за финансиски средства од ТАВ програмата, поточно за позитивната разлика од околу 30 милиони денари помеѓу проектираната и изведбената цена од веќе изведените инфраструктурни проекти по нашите општини“, рече Битиќи.

Зачлени се на нашиот е-билтен