Како министерка се залагам секоја година да имаме повисок буџет. Секој проект што сме го поддржувале и финансирале во минатото ќе продолжиме да го поддржуваме и понатаму, а сме отворени и за нови проекти, порача денеска министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
-Новиот предлог буџет за 2024 година ќе се задржи во рамките на она што веќе го имавме во 2023 година кога дадовме одлична поддршка на сите проекти во делот на културата и тоа не само на националните установи, туку и на другите корисници. Се надевам дека националните установи ќе реализираат и проекти од сопствени средства, рече Костадиновска Стојчевска во одговор на новинарско прашање при денешната посета на Градската библиотека „Гоце Делчев“ во Штип.
Нагласи дека и покрај предизвиците од ковид, енергетската и безбедносната криза во изминатиот период националните установи успеаја да ги реализираат своите проекти.
За забелешката од некои општини дека Министерството за култура не се однесува еднакво кон сите локални самоуправи, порача дека тоа зависи од начинот на кој општината ја вреднува културата и на кое ниво е свеста на општинската администрација за вложувањата во култура.
Посочи дека годинава преку ставката Капитални дотации до единиците на локалната самоуправа се инвестирани околу 40 милиони денари со кои беа опфатени општините Кратово, Струмица, Крушево, Валандово и Делчево.
-Покрај програмски инвестираме и во капитални инвестиции. Се што пристигнува до Министерството за култура се вреднува. Колку ќе се потруди општината толку ќе добие. Ако општината ја вреднува културата знае како да ја направи својата апликација, рече Костадиновска Стојчевска и додаде дека има национални установи кои работат многу подобро од локалните самоуправи.
Прашана дали Макфест ќе добие соодветна поддршка од Министерството во наредната година, Костадиновска Стојчевска рече дека за апликациите за 2024 година решаваат стручни комисии како и секоја друга година и додаде дека не може да каже однапред дали фестивалот ќе добие поддршка, бидејќи тоа зависи од квалитетот на апликацијата.
-Секоја година апелирам да се прават квалитетни пријави кои соодветствуваат на манифестацијата која се организира, бидејќи стручните комисии одлучуваат соодветно на квалитетот на апликацијата. Не можам да разберам зошто градоначалникот на општина Штип минатата година не ја прифати помошта, односно не го потпиша договорот кој му беше пратен за финансирање на фестивалот Макфест. Ние добро ја знаеме вредноста на Макфест и не знам кој му беше мотивот, прецизира Костадиновска Стојчевска.