„Со новиот закон за култура, кој не е променет од 1998 година една од новините е повеќегодишно финансирање, не само на проекти, туку и на алоцирање на буџет за институции“ рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска во утринската програма на Канал 5.
Таа додаде дека не секогаш министерството треба да биде главен виновник за тоа што се случува во секоја институција, бидејќи тие имаат менаџери избрани на јавен конкурс кои треба да раководат со парите.
„И локалните самоуправи треба да преземат дел од обврските. Жал ми е кога од локалните установи ќе слушнам дека локалните самоуправи одделувале мал буџет за култура и за поддршка на развојот на културата“ рече Костадиновска Стојчевска.
Министерката рече дека измените за повеќегодишно финансирање се прават бидејќи има проекти кои не може во една година да бидат завршени, бидејќи една година трае само припремата на проектот за конзервација и презервација.
„Во новиот предлог закон за култура, за кој имаше дебата и сега е во фаза на преработка по оние предлози кои беа пристигнати по електронски пат е дефинирано дека националниот интерес треба да се оддели од јавниот интерес во однос на финансирање, но дека исто треба тие стручни комисии да се избираат на јавен повик, да нема повик по министерот, заменик министерот, вработените во култура, дека тие наметнуваат своја волја, туку тие тручни комисии да се избираат на јавен повик“ рече министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
Таа додаде дека манифестации како Охридско лето, Струшки вечери на поезијата, Илинденски денови кои имаат повисоки вредности и ја промовираат државата надвор од границите треба да добијат поинаков третман од оние проекти кои се од јавен интерес и со поинаков карактер.
„Тоа се разбира не значи дека не треба да се финансираат и едните и други. Но треба да биде поинакво согледувањето на стручните комисии кои ги формираме“ рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката рече дека манифестациите кои се од национален интерес треба да добиваат постојано поголема финансирка поддршка од Министерството за култура, додека начелото на финансирање на проектите од јавен интерес треба малку да се реструктуира.
„Се соочуваме со одлив на кадар во Министерството за култура. Сме имале повеќе од 500 пензионирања, но мал број на вработувања. Не е дека не сме дале согласност за вработувања, туку нема студенти. Со законско решение што ќе значи стипендирање на студентите за дефицитарни кадри, со обврска за студентите кои се во програмата да останат, се надевам дека ќе ги задржиме студентите дома“ рече министерката за култура.
Таа додаде дека во Музејот на Северна Македонија има само двајца конзерватори во моментот, чие матично поле на образование е сосема друго, но се дообразувале за конзервација на метал и текстил и останале.
„Сега имаме дефицит на кадар, бидејќи тие професии не станале доволно атрактивни професии за студентите“ рече Костадиновска-Стојчевска.