„На Светскиот ден на учителот, со длабока почит изразувам благодарност како претставник на институција, како колешка и како родител, на сите вработени во образовниот процес. Тие секојдневно и несебично се вложуваат себеси во едукацијата и воспитувањето на нашите деца и младинци, на нашите идни генерации“, напиша на социјалните мрежи по повод Светскиот ден на учителот министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, и истакна дека „денешниот петти ден од октомври е ден кога целиот свет им се поклонува на учителите и учителките, наставничките и наставниците, професорите и професорките“.
Во својата објава министерката уште пишува дека „низ просветата се создаваат и идните уметници, писатели, сликари, музичари, менаџери во културата и културни работници на кои сме горди“.
„Затоа велам дека влогот во образованието е влог и во културата“, потенцира Костадиновска-Стојчевска и порачува дека „со поддршката во процесот на образованието преку стипендии за изучување на македонскиот јазик, за студиите по историја на уметност, археологија, ликовна уметност и етнологија, литература, музика и антропологија и во другите сродни дејности, ги охрабруваме младите својата кариера да ја продолжат и како учители, наставници или професори“.
„Така ќе ја продолжат мисијата на нивните учителки и учители кои биле првиот импулс, првата искра што им го определила патот сега тие да се посветат на образованието на следните генерации. Нека е честит Светскиот ден на учителот“, се вели во честитката на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска по повод Светскиот ден на учителот.