„Ми причинува големо задоволство што и британската публика имаше можност да го проследи наградуваниот македонски документарен филм „Медена земја“, што се прикажа на Филмскиот фестивал за жени над 50 години во Лондон, (односно, WOFF) во црквата Сент Мери“, напиша на социјалните мрежи министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на проекцијата на филмот на овој престижен лондонски фестивал.
Министерката за култура потсети дека оваа проекција е договорема со директорката на фестивалот Нула О’ Саливен за време на нејзината неодамнешна посета на Велика Британија.
„Со прикажувањето на ова филмско остварување, се афирмираше македонскиот филм и женскиот бран во македноската кинематографија, а протагонистката Атиџе испрати моќна порака од која е преточена длабоката мудрост за балансираниот пристап на човекот кон природата и за зачувување на биодиверзитетот“, истакнува во својата објава Костадиновска Стојчевска.
Таа информираше дека на фестивалот се потенцираше и тематиката која е поврзана со екологијата и предизвиците со кои се соочува планетата земја, прикажани преку дејствијата на жените над 50 години, кои се силни, храбри и инспирација за целиот свет.
Филмскиот фестивалот за жени над 50 години е поддржан и од Македонската амбасада во Лондон, а по проекцијата на „Медена земја“ следеше панел дискусија на која учество зеде и Билјана Глигорова, вршител на работи во македонската амбасада во Лондон.