Премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски објави фотографии од координативниот состанок на стратешкиот тим на СДСМ на кој што од приложеното може да се забележи присуството и на поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев.
„СДСМ има долгогодишно државничко и партиско искуство, посветеност и полна енергија да продолжи со победа и брз чекор по европскиот пат“, објави Ковачевски на социјалните мрежи за овој состанок.
„Денешниот координативен состанок на стратешкиот тим е во оваа насока – да направиме сè, да овозможиме целосен државен и национален консензус за исполнување на определбата на огромното мнозинство граѓани, да станеме полноправна европска држава до 2030 година“, нагласува Ковачевски во својот текст.
Европскиот пат и полноправното членство во ЕУ е највисок државен и национален, македонски приоритет. Ова е клучен момент, се работи за сегашноста, стабилноста и извесната иднина на сите наши граѓани, за иднината на денешните и идните генерации.
„Граѓаните заслужуваат европски квалитет на живот и европски животен стандард, во европска држава, а тоа да биде нивната родна земја, нивната татковина“, потенцира во објавата Ковачевски.
Веднаш по состанокот на стратешкиот тим на СДСМ во своја објава на социјалните мрежи поранешниот премиер и претседател на СДСМ Зоран Заев напиша: „Мораме да осигураме просперитет за македонските граѓани и извесна иднина за нашата држава“.
“Членството во ЕУ сега се чини најдостижно. На тој пат, ние социјалдемократите, имаме државничка одговорност да преземаме храбри и одлучни чекори. Демократскиот блок не исклучува, тој здружува. Тоа е единствената и проверена формула за нов македонски успех“, истакнува во објавата на социјалните мрежи Зоран Заев.