Ковачевски: Продолжуваме по европскиот пат до членство во ЕУ за повисок животен стандард и економска стабилност

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, денеска со воведно обраќање ја отвори панел-дискусијата на тема: „Економските придобивки од интеграцијата во ЕУ за компаниите и граѓаните во Северна Македонија“, во рамки на кампањата на Владата на Република Северна Македонија „Европска иднина, поблиску од кога било“.

Во своето обраќање премиерот Ковачевски говореше за владините политики за унапредување на животниот стандард на граѓаните и придобивките кои процесот на евроинтеграција, на европеизација на општеството ги носи со членството на Северна Македонија во Европската Унија.

„Целта не ни е да убедуваме, затоа што мнозинската волја за ЕУ е јасна. Целта е да доинформираме, што навистина значи евроатлантската определба и што реално следува на патот и откако ќе ја реализираме и втората стратешка цел – членство во ЕУ, а по членството во НАТО. По членството во НАТО следува Европа дома!“, истакна Ковачевски.

Тој нагласи дека граѓаните и компаниите веќе ги чувствуваат придобивките од евроатлантската ориентација во изминативе шест години и дека тие многукратно ќе се зголемат, со активното продолжување на европските интеграции и полноправното членство.

„Искуствата велат дека со членството во ЕУ платите и пензиите ќе се зголемат меѓу 70-90 проценти и тоа е за очекување дека ќе се случи и за нас. Евроатлантската ориентација на нашата држава донесе највисоко ниво на странски директни инвестиции од 754 милиони евра, во најкризната година 2022,  затоа што инвеститорите сакаат стабилен и безбеден амбиент за вложувања. Имаме, речиси двојно повеќе странски директни инвестиции од 2016 година, кога изнесуваа 338 милиони евра“, потенцираше Ковачевски и дополни дека „со интеграција во ЕУ, ние од нашите странски партнери и инвеститорите ќе добиеме дополнителна доверба, што ќе рефлектира со драстично поголем број на инвестиции во државата“.

Премиерот Ковачевски укажа и на намалувањето на стапката на невработеност во земјата која што од 25 проценти во 2016 година, е намалена за цели 12 процентни поени, а истовремено, за една година имаме зголемена вработеност од 9,5 отсто. Платите и пензиите растат и ќе продолжат да растат, рече Ковачевски.

„Вие добро се сеќавате дека ветувањето беше просечна плата 500 евра во 2024. Не само што го исполнивме, туку и го надминавме тоа ветување. Денес просечната плата е 650 евра. Цели 270 евра повеќе од она што била во 2016. Минималната плата системски ја решивме, од 2016 година до денес, ја покачивме за 100 проценти. Таа е над 21.000 денари, а во март ќе биде речиси 23.000, споредено со 8 000 денари колку што беше во 2016 година. Иако имаше црни сценарија за ова системско решение, сепак, застанавме сите ние тука на страната на работниците и позитивните резултати можеме да ги видиме и денес“, истакна претседателот на Владата.

Тој дополни дека пензиите веќе пораснаа во просек за 5.000 денари со новата Методологија за пресметка на пензиите и денеска просечната пензија е околу 20.000 денари, што е зголемување за околу 100 евра од 2016. Нинималната пензија беше  помалку  од 9.000 денари, а денес е над 13.000 денари, односно е покачена за 5.000 денари.

„Кога веќе ја споменавме економско енергетската криза, морам да се навратам на она што често го говорам, а тоа е дека никого не оставаме сам. И во услови кога многу развиени економии во светот крахираа, кога многу луѓе во светот останаа без работни места, после незапаметената пандемија, влеговме во справување со нова, економско енергетска криза, предизвикана од војна на европскиот континент. Се соочивме со предизвиците. Работевме деноноќно на решенијата И помогнавме и со интервентни мерки. Најновиот, 9-ти пакет е во износ од 662 милиони евра, а вкупната поддршка изминативе години е над 2 милијарди евра. И тоа е принцип по кој и ќе продолжиме со работа на нашиот европски пат“, нагласи Ковачевски.

Стратешките одлуки што ги носи Владата имаат многу јасна цел, а тоа е развој на економијата, развој на приватниот сектор, нови вработувања и подобро платени работни места, рече премиерот.

Благодарение на тие одлуки, нашата економија бележи раст, а задржувајќи се на патот кон Европската Унија даваме шанса за уште попросперитетна иднина за генерациите што доаѓаат, истакна Ковачевски

„Европската Унија и досега е нашиот најголем донатор и главен трговски партнер со 77,5% од извозот на земјата и 51% од нејзиниот увоз. Трговијата на Северна Македонија со ЕУ минатата година достигна 60% од вкупната трговија. Сите можат да се уверат што значи да се има европската поддршка во развојот и солидарноста и кога сме на вистинскиот пат“, потенцираше претседателот на Владата Ковачевски.

Северна Македонија, рече Ковачевски, покрај сите потешкотии денес е успешна приказна и тоа го направивме заедно, Од заробена држава, станавме фактор на стабилноста и безбедноста во регионот што се гледа низ економските параметри. 

„Сега и ние сме ѝ потребни на Европската Унија, бидејќи во овој момент ЕУ има потреба да ја обезбеди стабилноста на европскиот континент. Сега е моментот на заеднички интереси, кога и ЕУ има потреба од нас и ние од ЕУ. И оваа уникатната шанса за продолжување по тој пат, ќе се реализира. Јас ве уверувам сите, дека Република Северна Македонија ќе стане, до 2030 година европска Република Северна Македонија“, истакна премиерот Ковачевски на трибината во рамки на кампањата на Владата на Република Северна Македонија „Европска иднина, поблиску од кога било“.

Зачлени се на нашиот е-билтен