„Тешко е да се носат разумни одлуки во време на неразумни провокации. Но нечие однесување говори за личноста која го применува. Ако го спуштиме нивото, ако подлегнеме на тие провокации, коишто ја имаат оваа цел – ние тогаш сме изгубиле. Сме дозволиле да победат профитерите, популистите, луѓето без вредности, морал и етика. Сме оставиле простор на македонските непријатели“, рече шефот на Владата Димитар Ковачевски на годишната конференција „Година на нови можности“ организирана од Владата.
Тој додаде дека пред нас е година која што ќе ја тестира зрелоста на сите политички лидери и пратеници во македонското Собрание.
-Ние сме мултиетничка граѓанска држава, успешна функционална мултиетничка демократија, пример во регионот и во Европа и со тоа што ќе додадеме некоја етничка заедница во Уставот, хрватска, црногорска, бугарска или кој како и да се изјасни дека се чувствува, ништо не губиме, рече Ковачевски.
Премиерот подвлече дека во 2023 година очекува нов исчекор во европските интеграции, за кој верува дека може да се постигне бидејќи мнозинството граѓани во државата, како што рече, даваат доверба на проевропски политички субјекти.
-И оваа проевропска Влада што ја предводам, ќе продолжи да работи според очекувањата на мнозинството граѓани, а тоа се европски начин на живот дома и интеграција во Европската Унија. Оваа стратешка цел, поставена од независноста на државата и шансите за членство во ЕУ никогаш не биле поголеми и пореални од денес, рече Ковачевски.