Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ковачевски во Советот за безбедност на ООН: Северна Македонија застанува на страната на демократскиот и слободен свет

„Руската воена агресија врз Украина, која сè уште трае, до таа мерка ги смени глобалните односи што итно се наметнува потребата од повторно препознавање на нашата референтна правна рамка, донесена од страна на основачите на ООН. Нивната јасна намера била избегнување на ужасите од војната. И овој пат како и многу пати досега Република Северна Макеоднија цврсто застана на вистинската страна на историјата, на страната на демократскиот и слободен свет, на страната на правото на секоја земја за самоопределување“ рече премиерот Димитар Ковачевски во неговото обраќање, како прв македонски премиер на отворената седница на високо ниво на Советот за безбедност при Обединетите Нации.

Тој додаде дека денес сите земји мора повторно заедно да застанат на страната на мирот и да се заложат за почитување на Повелбата на Обединетите нации.

„Како рамноправен дел од тогашната Федерација која била меѓу основачите на ОН, но и како држава која пред 30 години се стекна со свое самостојно место во оваа Организација, Република Северна Македонија го крева својот глас и ја споделува крајната загриженост од кризата која ја притиска Организацијата на Обединетите Нации, но и меѓународниот правен поредок, светскиот мир и стабилност“ рече Ковачевски.

Тој додаде дека Новата Агенда за мир на Генералниот Секретар Гутереш е шанса што треба да се искористи и во функција на создавање услови за многу поединствена акција, со свест за растечките ризици.

„Основа за градењето на мирот е јакнење на довербата и превенцијата, а одговорноста за тоа е кај нас, Владите на државите членки на ОН. Тоа е многу пати пати повторено, а во нашиот случај потврдено и во пракса“, рече премиерот Ковачевски.

Тој додаде дека во години на тешки војни на просторот на поранешна Југославија, поранешниот претседател, Киро Глигоров со својата посветеност на мирот, мудрост и одговорност придонесе за мирно осамостојување и меѓународно етаблирање на државата како независна и суверена.

„Во време на војна во најблиското соседство, ние имавме сопствена, национална агенда за мир која нужно подразбираше обезбедување на внатрешен консензус, но и тесна соработка соОН, како и со регионалните организации, пред се ОБСЕ и ЕУ. На тој начин се создадоа предуслови за успешната превентивна мисија – УНПРЕДЕП. Се спречи прелевањето на конфликтот, беа сочувани мирот и стабилноста, а со тоа спасени безбројни животи и спречени непотребни разурнувања. И што е исто така многу важно: се креираше доверба и полека но сигурно се развиваше културата на дијалог како единствен начин за надминување и на најсериозните предизвици“ рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека токму преку таа култура на отворен дијалог Северна Македонија 30 годнии подоцна е земја пример за решавање на отворени прашања и дома и со соседите.

„Изминативе 30 години ние донесовме многу тешки одлуки. Тешки, но визионерски и храбри одлуки, кои ни овозможија денес да сме земја членка на НАТО и да имаме отпочнати преговори со Европската Унија со заштитен и признат македонски јазик, идентитет и култура. Од земја која пред 30 години беше домаќин на мировни мисии, денес сме фактор на стабилност и домаќини на преговори меѓу други земји“, рече Ковачевски обраќајќи се во Советот за безбедност.

Зачлени се на нашиот е-билтен