Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ковачевски за заклучоците од Самитот во Тирана: Се подигнува нивото на политичка соработка и пристапниот процес

Заклучоците од Самитот на лидери на Берлинскиот процес во Тирана ќе се реализираат затоа што за дел од нив има и декларации, најави премиерот Димитар Ковачевски. Берлинскиот процес ќе продолжи да го подигнува и нивото на политичката соработка, а за нас претставува многу значаен елемент на патот кон евроинтеграции и пристапниот процес, потенцираше првиот човек на Владата.

– Според досегашната пракса, и овој Самит ќе биде проследен и ќе бидат испорачани заклучоци, а дел од истите се – усвојување на регионалната заедничка изјава за спречување на загадување од пластика. Заедничката декларација за единствениот европски платен простор, заедничката декларација за иницијативата за Ви-фи за Западен Балкан по примерот на иницијативата во ЕУ, заедничката декларација за основање на опсерваторија за конвергенција на Западен Балкан којашто се однесува на спроведување на системи со коишто ќе може да се следи развојот на економскиот напредок на земјите од Западен Балкан во однос на клучни показатели споредено со економскиот развој на земјите членки на ЕУ, а со цел приближување на економскиот стандард на земјите од Западен Балкан со оној којшто го имаат земјите од ЕУ, секако проследено со конкретни активности коишто се дел од планот кој се заснова на четири основи претставен од претседателката на Европска комисија Урсула Фон дер Лајен. Исто така заедничка декларација за олеснување на трговијата и транспортот и кои се сметаат за едни од клучните елементи за зголемување за економската активност, за олеснување на нецаринските бариери, за забрзување на транспортот и се разбира за зголемување на трговијата помеѓу земјите од регионот, истакна Ковачевски.

Регионалната соработка преку платформи како што е Берлинскиот процес е клучна за да се оствари целиот потенцијал којшто го поседува регионот, смета премиерот.

– Тука зборувам и за мобилноста, и за признавањето на квалификациите, зборувам и за заедничкиот регионален пазар. Ги поздравивме и имплементациите на активностите коишто претходно беа договорени и потпишани. На пример, бесплатниот роаминг за земјите од Западен Балкан, меѓутоа и драматичното намалување на трошоците со ЕУ којшто договор беше потпишан на претходниот состанок и тоа помеѓу земјите од Западен Балкан, ЕК и 38 оператори телекомуникациски оператори коишто оперираат на овој простор и секако дека претставува навистина големо олеснување за граѓаните, истакна Ковачевски.

Премиерот информираше и за повеќето билатерални средби.

– Со претседателката на ЕБОР разговаравме за континуираната поддршка која земјата ја добива од Европската банка, при реализацијата на нашите приоритети. Таа поддршка е многу важна и таа ќе продолжи и понатаму. Од германскиот канцелар Шолц, државата уште еднаш доби силно охрабрување и поддршка од СР Германија да го реализираме следниот чекор по зацртаниот пат кон пристапување во ЕУ, а тоа е носењето на значајните одлуки коишто ги имаме пред нас и разговаравме секако за улогата на Берлинскиот процес како катализатор на меѓународната соработка и секако на билатералната соработка којашто ја имаме со Германија која е наш најголем трговски партнер. Имав средба и со комесарот за проширување Вархеји со кого разговаравме за важноста за исто така европските интеграции, статусот на скрининг процесот и секако за дигиталното поврзување, на земјите од Западен Балкан со оглед на тоа дека Северна Македонија е држава која ја има најдобрата телекомуникациска мрежа во целиот регион, што секако претставува основа за воспоставување на системи, воспоставување на механизми коишто можат да служат на целиот регион во негово поврзување, и понатаму поврзување на заедничкиот европски пазар, истакна Ковачевски.

Во Тирана беа отворени и просториите на подружницата на Колеџот на Европа, наменета за сите земји од Западен Балкан, а стипендиите коишто ќе бидат обезбедувани од страна на ЕУ ќе важат и за студентите од нашата држава. Ковачевски и утре ќе биде во Тирана каде во рамки на Самитот, ќе се сретне со потпретседателката на Светска Банка за Европа и Азија.

Зачлени се на нашиот е-билтен