По долгогодишно користење без трошоци за корисниците, WhatsApp најави дека во апликацијата наскоро ќе се појават реклами. Огласите ќе бидат сместени исклучиво во „Updates“-јазичето – делот каде што корисниците ги следат статусите и каналите, а кое секојдневно го отвораат околу 1,5 милијарди луѓе.
Од компанијата нагласуваат дека личните разговори и повици остануваат недопирливи:
„Искуството со приватното допишување не се менува. Личните пораки, повици и статуси се заштитени со end-to-end енкрипција и не може да се користат за прикажување реклами,“ стои во блог-објавата на WhatsApp.
Воведувањето на огласи е дел од стратегијата на матичната компанија Meta да создаде нов извор на приходи, користејќи го фактот дека на платформата се присутни милијарди активни корисници ширум светот.