Крајнодесничарската партија на Вилдерс води во анкетите пред изборите во Холандија

десничарскиот популист Герт Вилдерс останува јасен фаворит, покажува најновата анкета на јавното мислење пренесува ДПА.

На една недела пред гласањето на парламентарните избори во Холандија, десничарскиот популист Герт Вилдерс останува јасен фаворит, покажува најновата анкета на јавното мислење пренесува ДПА.

Репрезентативната анкета на Институтот Вериан за ТВ-програмата EenVandaag предвидува дека Партијата за слободата (PVV) на Вилдерс ќе освои 34 од 150-те места во парламентот, што ја прави убедливо најсилната партија – како што беше на последните избори пред околу две години, пренесува германската агенција.

Владејачката коалиција од четири партии се распадна по само 11 месеци кога Вилдерс ги повлече своите министри поради спор околу заострувањето на законите за азил.

Иако се предвидува дека неговите поранешни коалициски партнери ќе претрпат големи загуби, поддршката на гласачите за Вилдерс остана силна.

Меѓутоа, малку веројатно е дека антиисламската PVV ќе се врати во владата, бидејќи сите мејнстрим партии продолжуваат да ја исклучуваат соработката со Вилдерс, пренесува ДПА. 

Привремена влада во заминување ја предводи непартискиот поранешен државен службеник Дик Шуф.

Анкетата покажува дека втора во популарноста меѓу Холанѓаните е сојузот меѓу Зелената Левица и Лабуристичка партија со очекувани 25 пратенички мандати, а трета Христијанските демократи со 23, но и двете заостануваат далеку зад PVV. 

Се очекува конзервативно-либералната Народна партија за слобода и демократија (VVD), главната владејачка партија, да се соочи со големи загуби.

Анкетарите забележуваат дека многу гласачи остануваат неодлучни пред гласањето следната среда. Клучните прашања на кампањата се азилот и миграцијата, како и сериозниот недостиг на домување во земјата, потсетува ДПА.

Во анкетата беа интервјуирани 1.473 холандски гласачи помеѓу 17 и 20 октомври.

Зачлени се на нашиот е-билтен