Кремљ денеска соопшти дека во тек се „контакти“ околу можна размена на американскиот новинар Еван Гершкович, обвинет и затворен речиси една година во Русија поради шпионажа.
„Неколку пати нагласивме дека некои контакти се во тек, но тие треба да се водат со целосно молчење“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Прекинот на молчењето само ќе создаде дополнителни проблеми и ќе спречи постигнување на каков било резултат во процесот“, додаде Песков, без дополнителни детали.
Новинарот на „Волстрит џорнал“, Еван Гершкович (32), кој исто така работел за Франс прес во Москва меѓу 2020 и 2021 година, е уапсен од ФСБ во март 2023 година додека известувал во Екатеринбург, Урал.
Тој ги негира обвиненијата за шпионажа со кои се соочува и може да се соочи со затворска казна до 20 години. Обвиненијата ги отфрлаат и САД, неговиот весник и неговите роднини. Русија никогаш не ги објавила елементите на доказите и целиот процес е класифициран како таен.
Вашингтон ја обвинува Москва дека го земала како заложник за да го размени за Руси во затворите во западните земји, како што беше направено со неколку американски граѓани во последните години во Русија.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно изјави дека е подготвен да го размени Гершкович за Вадим Красиков, кој отслужува доживотна затворска казна во Германија за убиство на чеченски опозиционер во Берлин во 2019 година.
Рускиот суд оваа недела му го продолжи притворот на Гершкович до 30 јуни.
Песков денеска изјави дека нема информации за можниот датум за почеток на судењето на американскиот новинар.