„Криминалот не се исплати, ве молам формализирајте го својот бизнис“ – со оваа порака премиерот Христијан Мицкоски денеска настапи на годишната конференција „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“, најавувајќи „системска борба“ со сивата економија која, како што рече, го јаде државниот буџет.
Во истиот настап беше посочено дека државата нема прецизни мерења за обемот на неформалната економија, но дека проценките на Светска банка ја ставаат околу 29–30 проценти од БДП, со најголемо присуство во градежништвото. Тоа е секторот каде што по правило се крстосуваат јавни инвестиции, подизведувачи и „работа на рака“ – терен на кој, ако државата навистина сака резултати, мора да ја покаже тежината на инспекциите, а не само декларациите.
Токму затоа, пораката „криминалот не се исплати“ има смисла само ако важи за сите. Не само за најситните што најлесно се ловат по локали и тезги, туку и за големите играчи, за фирмите што се лепат до јавните набавки, за системските „шеми“ што преживуваат со години. Ако Владата навистина отвора фронт против сивата економија, следното логично прашање е дали инспекциите ќе стигнат и таму каде што политиката обично замолчува – до бизнисите што се блиски до центарот на моќта, па и до коалиционите кругови што ја држат владејачката конструкција стабилна.
Паралелно со најавите за борба со неформалното, Мицкоски зборуваше и за цените и инфлацијата. Рече дека очекува стабилизирање на цените на храната и најави дека, како и лани, по „божиќната“ и „јануарската“, ќе има и „априлска кошничка“. Во ист контекст изнесе проценка дека годишната инфлација оваа година ќе се движи „под 3 проценти“ и дека стапката е приближно иста како во регионот.
Кон трговците, пак, испрати порака дека глобалните шокови не смеат да бидат алиби за „неоправдани маржи и прекумерни профити на грбот на граѓаните“, најавувајќи засилен мониторинг за спречување евентуални злоупотреби. Но и оваа линија има исто правило: мониторингот мора да биде видлив, мерлив и еднаков, инаку останува само уште една политичка реченица што добро звучи на конференција, а се губи во пракса.