Кривична пријава е поднесена против директорот на ЈКП „Комуналец“ – Кичево, З.Ј. (49) од Горно Строгомиште, и четворица работници поради создавање дива депонија и загрозување на животната средина и јавното здравје.
Според МВР, од 2020 година до денес осомничените без дозвола складирале отпад на државна парцела од неколку илјади квадратни метри, во густо населено градско подрачје, без одлука на општинскиот совет, без градежна документација и без интегрирана еколошка дозвола. Во акцијата се пријавени и работниците Б.Б. (49) од Грешница, како и С.А. (49), Д.Ј. (56) и Ф.Т. (62) од Кичево, кои полицијата ги затекнала „на дело“ на 4 јуни при истурање отпад со специјални комунални возила.
Државниот инспекторат за животна средина претходно изготвил записник за незаконското складирање, а СВР Охрид најави целосно расчистување на случајот и поднесување на предметот до надлежното обвинителство.