Крстов Дол пред нов спор, отпор за антимон во кривопаланечко

Планираното оживување на проектот за антимон кај Крстов Дол отвори нов судир меѓу најавите за странска инвестиција и предупредувањата за еколошки ризици. Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ побара институциите да не дозволат нов рударски циклус во подрачје кое, според нив, и натаму ги носи последиците од старата јаловина и загадувањето на водите.

Реакцијата дојде откако премиерот Христијан Мицкоски најави дека во рамки на стратешкиот дијалог со САД се очекува инвестиција поврзана со експлоатација на антимон кај селото Луке во Кривопаланечко. Американската Меѓународна развојна финансиска корпорација потоа потврди дека потпишала договор со Pela Global за развој на проект за повторно активирање на поранешниот рудник Крстов Дол, со 5 милиони долари за анализи на минералните ресурси, техничка и комерцијална изводливост и подготовка за можна изградба.

Во јавноста проектот се претставува како економска можност и дел од поширок обид САД и сојузниците да обезбедат критични минерали надвор од зависноста од Кина. Но, старите научни истражувања покажуваат дека просторот околу Крстов Дол одамна е еколошки чувствителен. Труд објавен во 2014 година наведува дека кај локалитетот се регистрирани покачени вредности на арсен, антимон и други елементи во водите и седиментите, при што дел од вредностите ги надминуваат препораките за вода за пиење и праговите за животна средина. Уште претходно, студија од 2005 година го вброи Крстов Дол меѓу напуштените арсен-антимонски рудници чии води за дел од загадувачите ги надминуваат вредностите за питка вода.

Токму тука сега се отвора клучното прашање. Додека државата ја гледа можноста за нова инвестиција во минерал што се користи во батерии, полупроводници, оклоп и огноотпорни материјали, противниците на проектот бараат прво да се утврди што останало од старото загадување, дали има безбедни услови за нов ископ и колку јавноста навреме ќе биде вклучена во процесот пред евентуалното отворање на рудникот.

Зачлени се на нашиот е-билтен