По спроведената истрага, Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе обвинение против 43-годишен маж за убиство на својот помлад брат, извршено од користољубие.
Како што соопшти Јавното обвинителство, крвавата драма се случила на 27 јули годинава, на роденденот на жртвата. Меѓу браќата избила расправија, откако обвинетиот поверувал дека брат му сака да го преземе целиот имот. Поттикнат од гнев и омраза, тој го нападнал братот со тапиот метален дел од тесла, удирајќи го по главата. Откако жртвата паднала, двапати дополнително ја удрил, нанесувајќи му смртоносни повреди.
Обвинетиот потоа го напуштил местото, но се вратил следниот ден и го префрлил телото во бањата, а во наредните денови повторно се враќал за да ги прикрие трагите од злосторството — ја избришал крвта, а телото на крајот го закопал во шупа, прекривајќи го со шперплоча и други предмети.
Во периодот од 30 јули до 5 август, пред да биде откриено телото, обвинетиот повлекувал пари од банкарската картичка на жртвата.
Јавниот обвинител побара продолжување на притворот за осомничениот.
