Кубанската влада соопшти дека 32 кубански државјани загинале во американска воена акција во Венецуела, во рамки на операција во која беше уапсен венецуелскиот претседател Николас Мадуро и префрлен во Соединетите Американски Држави, каде што треба да му се суди.
Хавана информираше дека денеска и утре во Куба се прогласени денови на национална жалост, во чест на загинатите. Во официјалното соопштение не се наведуваат детални информации за околностите под кои тие ги загубиле животите, освен дека станува збор за припадници на кубанската војска и разузнавачките структури.
„Нашите сонародници ја исполнија својата должност достоинствено и херојски, пружајќи жесток отпор во директна борба со напаѓачите или загинувајќи за време на бомбардирање на објекти“, се наведува во соопштението на кубанските власти.
Куба со години му дава политичка, безбедносна и логистичка поддршка на режимот на Мадуро, уште од неговото доаѓање на власт. Сепак, засега не е познато колкав број кубански безбедносни сили биле ангажирани во неговото обезбедување во моментот на американската акција, ниту дали сите загинати се наоѓале во Каракас или на други локации во Венецуела.
Американските сили во саботата го уапсија 63-годишниот Мадуро заедно со неговата сопруга Силија Флорес во венецуелската престолнина, по што тие беа префрлени во САД. Според достапните информации, Мадуро моментално се наоѓа во притвор во Њујорк и треба да се појави пред суд во понеделник.
Во 2020 година, американските власти подигнаа обвинение против Мадуро за нарко-тероризам, обвинувања кои тој досега постојано ги негираше, оценувајќи ги како политички мотивирани.