Кулата на Водно влегува во завршна фаза – по 12 години изградба, кранот се симнува за 10 дена

По повеќе од една деценија од почетокот на градбата, телекомуникациската кула на Водно конечно влегува во завршна фаза. Претседателот на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), Орце Симов, на својот Фејсбук профил објави дека за десетина дена ќе биде симнат кранот, а ќе останат само „неколку ситници“ и приклучувањето на објектот на електричната мрежа на ЕВН.

Кулата, која со своите 155 метри висина ќе биде околу два и пол пати повисока од Милениумскиот крст, почна да се гради во 2013 година. Првичната намена беше да служи како специјален антенски систем за контрола на радиофреквенциите, но проектот беше замислен и како нова туристичка атракција и препознатлив белег на Скопје.

Во видеата што Симов ги сподели, се гледа и тестирањето на ротирачката платформа – конструкција која прави цел круг за околу еден час. Според плановите, платформата треба да им овозможи на посетителите панорамски поглед кон целата Скопска котлина.

Сега, 12 години по поставувањето на темелите, кулата е пред финален изглед. Останува да се види дали, покрај техничката функција, ќе ја исполни и амбицијата да стане вистинска туристичка атракција на главниот град.

Зачлени се на нашиот е-билтен