Култната сина торба „Frakta“, еден од најпрепознатливите симболи на шведскиот бренд ИКЕА, поминува низ период на промени. Иако неодамна се појавија информации дека торбата ќе биде повлечена од продажба, од компанијата уверуваат дека таа не исчезнува – туку добива редизајнирана верзија.
Веста дека „Frakta“ е означена како „повлечена од понудата“ на веб-страницата на ИКЕА предизвика реакции кај купувачите, но и кај неочекувана група корисници – љубителите на коњи, кои, како што велат од компанијата, често ја користат торбата за пренесување сено.
Портпаролот на ИКЕА, Јоаким Боргуд, изјави дека компанијата го анализира интересот и употребата на торбата, додавајќи дека популарноста на „Frakta“ оди далеку надвор од класичната намена.
ИКЕА: Торбата не исчезнува
По реакциите во јавноста, ИКЕА официјално соопшти дека култната торба нема да биде трајно повлечена од асортиманот.
„Иконската торба ‘Frakta’ останува дел од нашата понуда. Во април ќе лансираме ажурирана верзија, поради што моментално може да изгледа дека производот се повлекува“, наведуваат од компанијата.
Сепак, детали за тоа како ќе изгледа редизајнираната торба засега не се објавени.
Историја што трае повеќе од четири децении
„Frakta“ настанува во 1980-тите години, кога основачот Ингвар Кампрад и неговиот тим развиле исклучително издржлива торба, способна да носи товар до 25 килограми. Првичната верзија била жолта и се користела исклучиво во продавниците.
Сината верзија, која подоцна стана глобално препознатлива, е лансирана во 1996 година и овозможи купувачите да ја носат торбата дома. Со текот на времето, таа стана симбол на самостојност во скандинавските земји – особено меѓу младите кои се иселуваат од родителскиот дом.
Подоцна, ИКЕА воведе и варијанти со патент, прилагодени за селидби и транспорт.
И покрај најавениот редизајн, едно е сигурно – „Frakta“ останува дел од идентитетот на ИКЕА и секојдневието на милиони луѓе ширум светот.