Општина Куманово нема средства сама да изгради стационар за улични кучиња, но постои иницијатива на ниво на Североисточниот регион за отворање заедничко прифатилиште што би го финансирале шесте општини. Ова го изјави градоначалникот Максим Димитриевски, одговарајќи на советничко прашање за справувањето со големиот број кучиња скитници во градот.
Според него, ако се обезбедат средства, центарот би се развивал како јавно-приватно партнерство, а во игра се и капацитетите на Ветеринарно-сточарскиот центар „Тодор Велков“ во селото Четирце, на локација на поранешни воени магацини. И тоа би бил регионален центар за чување напуштени и улични кучиња од повеќе општини од регионот.
Во истата расправа тој посочи дека општината не сака сама да влезе во таков проект поради трошоците за одржување, наведувајќи го примерот со Скопје, каде, како што рече, бил изграден скап центар, а дополнително годишно се трошат околу 40 милиони денари за негово функционирање. Додаде и дека трајно решение во моментот нема, освен поголема одговорност кај сопствениците на домашни миленици и построга регулатива за чипирање, имунизација и чување на животните.
Темата повторно се отвори по неколку напади врз деца во Куманово, што предизвика реакција во јавноста. Според објавените податоци, општината лани исплатила 65.000 евра отштета на 43 граѓани каснати од улични кучиња. Во јавните настапи деновиве Димитриевски изјави и дека проблемот не е само локален, туку присутен низ целата држава, при што сегашниот закон, според него, повеќе ги штити бездомните кучиња отколку граѓаните.