Мандатарот за премиер на Косово, Албин Курти, денеска изјави дека разговорите за формирање на кабинетот ќе започнат оваа недела и дека, доколку нема договор, ќе бидат организирани предвремени парламентарни избори.

„Последниот ден кога би можела да се одржи седница на која би можел да го презентирам владиниот кабинет е 26 октомври. Деновиве сме фокусирани на анализата на локалните избори, но многу наскоро, веќе оваа недела, ќе започнеме и разговори за централната влада, бидејќи на Косово му е потребен уште еден мандат за нашата влада. Мора да имаме редовен мандат кој, без сомнение, ќе започне штом парламентот ќе го разгледа новиот состав на владата „Курти 3“ на својата седница“, рече Курти на прес-конференција.
Тој додаде дека постои можност седницата да биде закажана дури и пред рокот.
„Кога ќе веруваме дека комуникацијата и разговорите дале резултати, ќе свикаме седница без одложување, нема да чекаме до 26 октомври, бидејќи тоа е само рок“, нагласи Курти.
Тој додаде дека се надева оти нема да се организираат предвремени избори, но дека неговата партија е подготвена во случај тоа да се случи.
„Засега, нашиот план е влада „Курти 3“. Ние се подготвуваме за тоа и верувам дека и другите треба да се подготват за истото“, рече тој.
На 11 октомври, косовската претседателка Вјоса Османи му даде мандат на Курти да формира нова влада.
Курти има 15 дена да обезбеди најмалку 61 глас за избор на нова влада.
Доколку тоа не успее, претседателот назначува друг мандатар за премиер, кој исто така има 15 дена да ја претстави новата влада и да ги обезбеди потребните гласови за избори.
Доколку ниту еден кандидат не ги обезбеди потребните гласови, тогаш претседателот издава декрет за распуштање на парламентот и распишува предвремени избори во рок од 40 дена од распуштањето на парламентот.