Косовскиот премиер Албин Курти ги повика западните сили да не вршат притисок врз Косово да го прифати формирањето на Заедницата на српските општини (ЗСО), туку наместо тоа да се фокусираат на тоа како Србија да ја направат подемократска земја и да се откаже од, како што рече, хегемонистичките идеи на Белград.
Во интервју за агенцијата Асошиејтед прес, Курти рече дека „српските власти треба да ја признаат независноста на сите поранешни републики на СФРЈ, за да се соочат со минатото“.
Тој исто така нагласи дека Белград треба повеќе да се сврти кон Западот и НАТО наместо кон Русија.
Ако се ослободат од идејата дека Косово сè уште е дел од Србија, тоа ќе биде многу подемократско, поевропско, рече Курти.
Според Курти, претходните преговори се сведоа на идеолошко решавање на проблеми, што доведе до фактот дека „секое решение стана уште покомплицирано, уште помалку за преговарање, а јавноста изгуби интерес“.
Новиот француско-германски предлог е „добра рамка и платформа за напредок, што ни дава надеж во однос на исходот од идните преговори и постигнување договор“, рече Курти.
Оваа изјава на косовскиот премиер доаѓа откако САД го зголемија притисокот врз Приштина да го спроведе Бриселскиот договор од 2013 година и да формира ЗСО, која би ги координирала активностите во областа на образованието, здравството, урбанистичкото планирање и просторното планирање и економскиот развој на локално ниво.
Уставниот суд на Косово во 2015 година го прогласи ваквиот план за неуставен, со оценка дека ЗСО ги исклучува другите, несрпски етнички групи и дека таа заедница ќе има и извршни овластувања.
Курти во интервјуто повтори дека формирањето на ЗСО не му е приоритет. Минатата недела тој презентираше низа услови, велејќи дека таква заедница може да се формира само како дел од конечниот сеопфатен договор за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.
Западните сили треба да учат од примерот на Република Српска и да се плашат од формирање на мини-држава на Косово, рече Курти.
Ако во Западен Балкан ја афирмираме идејата за заедници на општини врз основа на етничкиот принцип, тоа е рецепт за нови конфликти, рече Курти.
Според него, Западот не треба да врши притисок врз малите држави како Косово, кои се демократски.
Проблемите што постојат меѓу Косово и Србија можеби се мали и иритирачки, а Западот треба да обрне внимание на она што се случува во регионот, „бидејќи секое погрешно решение на Балканот ќе се примени на друго место“, рече Курти.
Тој истакна дека взаемното признавање е суштината на секој преговарачки процес, што Белград цврсто го отфрла.