Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска во седиштето на НАТО во Брисел учествувал на конференцијата на Воениот комитет на НАТО во формат на началници на генералштабови.
Како што информираа попладнево од Генералштабот, од негова страна било нагласено дека интероперабилноста останува клучна за подготвеноста на НАТО.
„Преку остварување на нашите цели и соработка со сојузниците, ние ги поддржуваме напорите на НАТО за одговор на сегашните и идните закани“, навел генералот Лафчиски.
Во врска со учеството на нашата Армија во мисии предводени од НАТО, тој ја истакнал јасната определба за подготвеноста на армиските сили, како и определбата за солидарноста кон сојузниците преку учество во мисии за соодветно одвраќање, водени од НАТО.
– Беше нагласено дека македонските војници активно учествуваат во мисиите на НАТО на источното крило на Алијансата, поточно во Бугарија, Романија и Латвија. Во оваа прилика беше истакната и улогата на нашата Армија во колективната обука на НАТО преку нашето учество во НАТО – водените вежби, се наведува во соопштението.
Претседавачот на Воениот комитет, адмиралот Џузепе Каво Драгоне навел дека целта на состанокот е да се истакне сеопфатниот пристап на Алијансата во справувањето со глобалните предизвици преку единство и соработка. Истакнал дека тековните безбедносни предизвици бараат инвестиции во време и ресурси, наведувајќи „инвестирање повеќе, не трошење повеќе, е императив за одржување на мирот сега и во иднина“.
Конференцијата на Воениот комитет се реализирала преку неколку сесии.
„Најпрво, командантот на Врховната сојузничка команда на НАТО за Европа, генералот Кристофер Каволи, ги информираше началниците на генералштабовите за континуираниот напор на Алијансата за зајакнување на колективната одбрана и одвраќање. Во текот на оваа сесија, началниците на генералштабовите на земјите – членки на Алијансата разменија мислења за тековните НАТО – мисии и активности како и за НАТО – безбедносната помош и обука за Украина. Следно, командантот на Врховната сојузничка команда на НАТО за трансформација, адмирал Пјер Вандиер, информираше за одбранбеното планирање на НАТО и можностите за иновации и предизвици. На сесијата посветена на Украина, се дискутираше за руската воена агресија врз Украина, состојбата на теренот и континуираната поддршка што НАТО ја дава за Украина“, се додава во соопштението.
Од Генералштабот информираат дека заклучоците од состанокот ќе бидат објавени во текот на денешниот ден на прес-конференција, каде ќе се обрати претседавачот на Воениот комитет, адмиралот Драгоне.
„На конференцијата на Воениот комитет, покрај претставниците од 32-те земји – членки на НАТО, присуствуваа и командантите на Врховната сојузничка команда на НАТО за Европа и Врховната сојузничка команда на НАТО за трансформација. Ова тело заседава во различни формати, а највисокиот формат е на ниво на началници на генералштабови, што вообичаено заседава трипати годишно, двапати во седиштето на НАТО и еднаш во земја членка на Алијансата“, се додава во соопштението.