Специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина и други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак, вечерва ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Белгад.
Минатата недела Лајчак беше во Приштина, додека оваа недела истото го направи и американскиот дипломат Габриел Ескобар, кој по средбата со премиерот на Косово Албин Курти изјави дека прашањето за динарот е итно, хуманитарно прашање кое мора веднаш да се реши. Тој ја најави следната рунда дијалог во Брисел за вторник и ја пофали Приштина за одлуката во врска со враќењето на земјиште во владение на манастирот Високи Дечани.
Покрај проблемот со важноста на динарот на Косово, главно прашање за кое спорат Белград и Приштина, согласно Охрискиот дововор е имплементација на Заедницата на српски општини (ЗСО) на Косово.
-Потребно е да се решат неколку проблеми и прашањето за укинување на динарот е најсвежо и можеби најтешко. Но, фундаменталното прашање што мора да се реши и кое е веќе договорено во минатото е Заедницата на српските општини, нагласи американскиот амбасадор во Белград Кристофер Хил.
Тој додаде дека со формирањето на ЗСО треба да се решат сите други проблеми, како што се паралелните структури или користењето динари.
-Прашањето е само кога, а не дали тоа ќе се случи. Логиката е многу јасна, двете страни веќе се договорија за тоа, тоа го сака ЕУ и тоа ќе се оствари. Првото нешто е да се почитува дијалогот и веќе постигнатите договори. Еден од нив е Охридскиот договор. Кога Мирослав Лајчак вели дека договорот е валиден, тоа значи дека е валиден. Сметам дека не треба да се прави напор за промена на начинот на кој се изразува валидноста на тој договор. Лајчак знаеше што прави кога го постигна договорот во Охрид и мислам дека на таа основа треба да продолжиме напред, заклучи Хил.