Лајен до Трамп: Кажи му на Путин дека Европа ќе одговори

Урсула фон дер Лајн во телефонски разговор со Доналд Трамп

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен соопшти дека по масовниот ноќешен напад врз Киев, во кој загинаа најмалку 18 лица и беше оштетена делегацијата на ЕУ, телефонски разговарала најнапред со украинскиот претседател Володимир Зеленски, а потоа и со американскиот претседател Доналд Трамп. Таа на платформата Х напиша дека „ударите ја погодија и нашата канцеларија во Киев“ и дека Москва мора да седне на преговарачка маса.

Фон дер Лајен порача дека целта е „праведен и траен мир“ за Украина, поткрепен со „цврсти и веродостојни безбедносни гаранции што ќе ја претворат земјата во ‘челичен дикобраз’“. Како дел од европскиот одговор го посочи инструментот SAFE за зајакнување на украинските вооружени сили, а најави и засилување на притисокот врз Москва преку дополнителни санкции и користење на приходите од замрзнатите руски средства. Според сегашните процени, каматата од тие средства носи меѓу 2,5 и 3 милијарди евра годишно за поддршка на одбраната и обнова на Украина.

Од Брисел, фон дер Лајен информираше дека две ракети експлодирале на помалку од 50 метри од зградата на делегацијата и дека, иако фотографиите покажуваат крш и излетани прозорци, нема повредени членови на персоналот. Шефицата на европската дипломатија Каја Калас објави дека ЕУ го повикала на разговор рускиот отправник на работи во Брисел со пораката дека „ниту една дипломатска мисија не смее да биде цел“.

Украинските власти соопштија дека ноќниот напад, еден од најсмртоносните врз главниот град во последниве месеци, вклучувал балистички и крстосувачки ракети, „Кинжал“ хиперсонични ракети и бранови ирански дронови „Шахед“. Освен загинатите, меѓу кои и три деца на 2, 14 и 17 години, има најмалку 45 повредени, а пожарите и урнатините предизвикаа голема штета во повеќе населби во градот. „Русија избира балистика наместо преговарачка маса“, напиша Зеленски, додавајќи дека нападот покажува отсуство интерес за „вистинска дипломатија“.

Фон дер Лајен најави дека од петок започнува обиколка на седум земји членки на ЕУ што граничат со Русија и Белорусија, со цел координација на безбедносните политики и одговорот на сојузот. Паралелно, ЕУ продолжува со плановите приходите од руските замрзнати средства да се насочуваат кон вооружување и реконструкција на Украина, додека земјите членки разгледуваат нов пакет мерки за ограничување на руските приходи од воената економија.

Зачлени се на нашиот е-билтен