Сергеј Лавров: „Зеленски ги отфрли сите предлози на Трамп за Украина“

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров тврди дека на состанокот во Вашингтон, украинскиот претседател Володимир Зеленски ги отфрлил сите предлози на Доналд Трамп, кои САД ги сметаат за неопходни за решавање на конфликтот во Украина.

„На сите им беше исклучително јасно дека постојат неколку принципи кои, според Вашингтон, треба да се прифатат, во врска со членството во НАТО, разгледувањето на територијалните прашања, а Зеленски рече „не“ на сето тоа“ изјави Лавров за NBC.

Според него, Русија се согласила да покаже флексибилност по некои прашања што ги покренал американскиот претседател.

„По самитот во Алјаска, претседателот Трамп предложил неколку точки, за кои споделуваме мислење, а се согласивме за некои од нив… да покажеме одредена флексибилност“, нагласи тој.

Зборувајќи за можноста за средба меѓу Владимир Путин и Зеленски, Лавров објави дека таа не е планирана. Сепак, како што изјави, Путин е подготвен да се сретне со Зеленски доколку се подготви агенда за таков самит.

Да ве потсетиме дека рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп се сретнаа на 15 август во Алјаска. Средбата се одржа во воздухопловната база Елменфорт-Ричардсон во Анкориџ. На крајот од преговорите, тие нагласија „заеднички фокус на резултатот“ и изразија подготвеност да работат на прекинување на конфликтот во Украина.

Во понеделник, Трамп разговараше со Зеленски во Белата куќа, а потоа и со неколку водечки европски лидери. Страните разговараа за безбедносните гаранции за Киев, кои европските земји имаат намера да ги обезбедат во координација со САД.

Трамп му се јави на Путин по средбата. Разговорот, како што е наведено, „беше отворен и конструктивен“.

Зачлени се на нашиот е-билтен