Синоќа две дојави за наводно поставени експлозивни направи ја кренаа на нозе полицијата во Скопје, откако непознато лице пријавило бомби во Спортската сала „Јане Сандански“ и во хотелот кој се наоѓа до неа.
Од МВР информираат дека на 22 ноември 2025 година, во 20:51 и во 21:17 часот, на бројот за итни повици 112 биле примени телефонски пријави дека во објектите има поставени експлозивни направи. Веднаш биле активирани полициските службеници и извршени сите потребни проверки на терен.
По деталниот преглед на салата и хотелот, утврдено е дека станува збор за лажни пријави – не биле пронајдени експлозивни направи, ниту постоела реална закана по безбедноста на граѓаните.
Од полицијата додаваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и идентификација на лицето или лицата кои стојат зад лажната дојава. За ваков вид злоупотреба на бројот за итни повици се предвидени сериозни санкции, бидејќи лажните пријави не само што создаваат паника, туку и ги блокираат ресурсите на службите за ситуации кога помошта навистина е неопходна.

