Министерот за економија Бесар Дурмиши даде отчет за првите 100 дена од своето работење и рече дека одлуката за ограничување на профитните маржи до 10 отсто кај некои основни прехранбени производи е особено видлива, но кај некои продукти немало намалување на цените.
-Првичните анализи кажуваат дека цените се намалени во просек од 5 до 10 отсто, кај некои намалувањето на цените е помало, или воопшто го нема – како на пример лебот, маслото за јадење и млекото, додека кај други производи имаше поголемо намалување – месо, зеленчук, млечни производи, сирење, кашвала и друго,рече Дурмиши.
Заштедата на месечно ниво, според Дурмиши, со актуелната кампања во едно четиричлено семејство би била од 690 до 1.360 денари. Очекува цените да се намалуваат и натаму во наредниот периопд со регулацијата на трговијата на големо со Законот за нефер трговски практики.
-Производите во маркетите се оние што ги имаат на залиха и се продаваат по стари цени. Кога ќе се потрошат залихите, кога ќе се направат новите фактури, односно кога трговците и снабдувачите ќе се усогласат, тогаш новите производи ќе се понудат со намалени цени, рече Дурмиши кој додаде дека очекува ефектот од Законот за нефер трговски практики да биде видлив на крајот на октомври, вели тој.
Министерот додаде дека во Собранието треба да се донесе ново законско решение за реорганизација на Комисијата за заштита на конкуренција, со кое таа ќе може да излезе на терен и да казнува доколку не се почитува Законот за нефер трговски практики.