„Лечам канцер, дишам канцер“, „Killing me softly with this смог“, „Воздухот не е луксуз – тоа е право“, „На хартија бело, во дробови црно“, „Скопје се гуши, државата молчи – ама не и ние“. Со овие пораки, испишани на транспаренти и извикувани од десетици граѓани, вчера вечерта пред капијата на цементарницата „ТИТАН Усје“ се одржа протест во организација на иницијативата „Стоп за Усје“. Протестот беше одговор на долгогодишното чувство дека загадувањето се нормализира, а јавното здравје се сведува на колатерална штета.




Во пресрет на најавената граѓанска блокада, „ТИТАН Усје“ излезе со јавна реакција во која тврди дека не е изворот на загадувањето во Скопје и дека работи строго во рамки на законските лимити. Од компанијата порачуваат дека протестите се базирани на „паушални тврдења“, а не на факти и научни податоци.


Од „Стоп за Усје“, пак, велат дека блокадата е директен одговор на, како што го нарекуваат, „долгогодишното жртвување на јавното здравје во корист на профитни интереси“, со знаење и толеранција на институциите. Протестот, нагласуваат, бил мирен, но решителен – насочен против континуираното загадување и институционалниот молк.




Компанијата се повикува на употреба на „најдобри достапни техники“ и технологија споредлива со европските стандарди. Во реакцијата се наведува дека „ТИТАН Усје“ е под континуиран надзор на Државниот инспекторат за животна средина, со последен увид на 18 декември 2025 година, како и претходен ненајавен ноќен надзор во ноември, при што – според нив – не биле утврдени отстапувања од дозволените емисии.
Клучниот аргумент што го повторуваат е дека „лошиот квалитет на воздухот во Скопје нема корелација“ со работата на печките. Тврдат дека во зимските месеци, кога загадувањето е највисоко, печките често се исклучени поради ремонти, додека во лето, кога работат со полн капацитет, квалитетот на воздухот е подобар. Како главни извори на загадување ги посочуваат греењето, сообраќајот, градежните активности и горењето на отворено, додека индустријата ја ставаат во „помал удел“.

„ТИТАН Усје“ нагласува дека поседува А-интегрирана еколошка дозвола од Министерството за животна средина, со обврска за 24-часовен мониторинг на емисиите, согласно европски стандарди. Системот за мерење, според нив, е од германскиот производител SICK, редовно калибриран и контролиран од независни овластени компании.
Компанијата ги демантира и тврдењата дека „се исклучуваат филтрите“, посочувајќи дека тоа е технички невозможно – филтрацијата е составен дел од производниот процес и мора да функционира кога работат печките. Филтрирањето, според нив, се врши преку систем со илјадници филтер-вреќи кои ја задржуваат прашината.
Од другата страна, граѓанскиот притисок не стивнува. Дел од организациите, меѓу кои и „Зелен хуман град“, бараат дислокација на капацитетот надвор од густо населено подрачје и построги мерки, укажувајќи дека проблемот со загадувањето се повторува секоја зима, додека институционалните реакции се бавни и најчесто сведени на препораки.

Вечерашниот протест, затоа, не е само судир на две спротивставени наративи – „мерени вредности“ наспроти „живеено искуство“ – туку и тест за институциите: дали ќе понудат јасна, транспарентна и проверлива рамка за тоа што се мери, каде се мери, како се толкуваат податоците и што следува кога граѓаните велат дека на хартија е бело, а во нивните дробови – црно.