Легендарниот воз „Шпанец“ се враќа на пругите со нов изглед

Легендарниот воз „Шпанец“, симбол на железничката носталгија од југословенските времиња и македонската железничка историја, се враќа на пругите – обновен, модернизиран и подготвен за ново поглавје. Од некогаш заборавен и речиси отпишан, „Шпанец“ повторно стана вест откако директорот во МЖ Транспорт, Игор Коруновски, на социјалните мрежи објави дека тестирањето на возот е завршено и дека следуваат нови содржини за патниците.

Коруновски информира дека е завршена целосна обнова и модернизација на композицијата – од нов дизајн и освежен ентериер, до поставување телевизори, озвучување, алармни системи и видео надзор. Како што појаснува, подготовките се насочени кон поудобно и побезбедно патување, со амбиција „Шпанец“ да не биде само превозно средство, туку и ретро-искуство за патниците кои се сеќаваат на неговите легендарни линии, но и за новите генерации кои првпат ќе го запознаат.

Веста за враќањето на „Шпанец“ на железничките шини не е изолиран потег, туку дел од поширокото обидување на Македонски железници да ја обнови сопствената флота и да врати дел од изгубениот углед на железничкиот превоз. Во ноември, повеќе медиуми објавија видеа од работите на возот – реконструкција и уредување од внатрешната и надворешната страна, како и планови „Шпанец“ повторно да сообраќа на дел од линиите што ги возел во седумдесеттите години.

Реставрацијата на овој воз, препознатлив по специфичниот изглед и удобноста, доаѓа во момент кога железничката инфраструктура и услугата со години се меѓу најкритикуваните сегменти од јавниот превоз. Затоа, враќањето на „Шпанец“ има и симболична тежина – како потсетник дека железницата може да биде и култура, и традиција, а не само статистика на доцнења и дефекти.

Веќе е најавено дека возот ќе биде дел и од специјални тематски настани и новогодишни програми, каде реставрираните вагони и ентериерот треба да создадат чувство на „подвижен музеј“ и сцена за културни и туристички содржини. Но клучното прашање останува како и кога „Шпанец“ ќе влезе во редовен железнички сообраќај и на кои релации, за навистина да стане дел од секојдневието на патниците, а не само носталгична атракција за медиумски објави и свечени најави.

Зачлени се на нашиот е-билтен