Лекари без граници до 9 ноември треба да ја напуштат Либија

Властите во Триполи ги обвинија Лекари без граници, дека им обезбедиле медицинска помош на мигранти со цел да се населат во земјата

 Либиските власти со седиште во Триполи им наредија на претставниците на невладината организација Лекари без граници да ја напуштат земјата до 9 ноември.

„Длабоко жалиме за оваа одлука на либиското Министерство за надворешни работи и сме сериозно загрижени за влијанието врз здравјето на луѓето на кои им помагаме“, посочи раководителот на програмите на Лекари без граници во Либија, Стив Пурбрик.

Додека во соопштението на Лекари без граници се истакнува дека не добиле никакво објаснување за протерувањето на нивниот персонал.

Претходно, властите во Триполи ги затворија канцелариите на неколку меѓународни невладини организации, меѓу кои и на Лекари без граници, обвинувајќи ги за спроведување „активности што ја загрозуваат националната безбедност“.

Според владата со седиште во Триполи, организациите им обезбедувале медицинска помош на нелегални мигранти со цел да се населат во земјата.

Либија е една од главните транзитни рути за мигрантите што се упатуваат кон Европа. Земјата е поделена помеѓу две сопернички администрации и е во хаос од соборувањето на Моамер Гадафи во 2011 година. 

Зачлени се на нашиот е-билтен