Лекари застанаа зад студентите од Србија: Полициското насилство е психолошки образец на бришење на човечноста

Група лекари кои во изминатите месеци ги следеле протестите на студентите и граѓаните низ Србија, вклучително и нивното патување до Стразбур, упатија отворено писмо во кое остро го осудуваат однесувањето на полицијата.

Во писмото тие наведуваат дека станале сведоци на сериозен образец на полициско насилство – од целосно отсуство на емпатија, преку дегуманизација и навредување на млади девојки и момчиња, до слепо извршување на наредби и десензитизација на страдањето.

Лекарите предупредуваат дека ваквиот однос не е само безбедносен, туку и сериозен општествен и психолошки проблем кој остава длабоки трауми кај младите генерации. Тие посочуваат и на појавата на нарцисоидно идентификување со униформата, како и на присутната мизогинија во редовите на полицијата.

„Ниту една наредба и ниту една униформа не можат да ја оправдаат загубата на човечноста“, пишуваат лекарите, додавајќи дека насилството врз младите граѓани претставува удар врз иднината на целото општество.

Писмото завршува со порака до полицијата: „Без сочувство, престанувате да бидете луѓе.“

Зачлени се на нашиот е-билтен