На прес-конференција пред Музеј на Град Скопје, лидерот на Левица Димитар Апасиев ја објави кандидатурата на партискиот потпарол и пратеник Амар Мециновиќ за градоначалник на Град Скопје.
Мециновиќ е политиколог и активист за социјална правда. Тој е член на Президиумот на Левица и портпарол задолжен за комуникација со јавноста. Од почетокот на 2022 година е избран член на Советот на Град Скопје.
Во својата досегашна работа, како што наведуваат од партијата, Мециновиќ и советничката група се залагале за социјална платформа, заштита на работничките права, јакнење и проширување на јавните капацитети што биле отуѓени, како и за еколошки свесни политики.
Левица најави дека програмата на кандидатот ќе биде фокусирана на јавниот интерес и на подобрување на квалитетот на урбаното живеење, со акцент на транспарентност и социјална еднаквост. Дополнителни детали за изборната програма партијата ќе ги соопшти во наредните денови.