По повеќе од една деценија конечно во јуни беше избран новиот Програмски совет на МРТ. Досегашниот совет, заедно со надзорниот одбор и нивниот генерален директор Марјан Цветковски, владееше со фараонски мандат, претворајќи ја јавната институција во лична банкомат-карта за коруптивно богатење и задушување на автентичната македонска продукција, култура и информирање на граѓаните.
Согласно законите, со изборот на нов Програмски совет автоматски требаше да престане мандатот на досегашниот надзорен одбор и вршителот на должноста генерален директор, чиј мандат беше вештачки продолжуван уште од промените на законот во 2017 година. Сепак, и покрај тоа што веќе повеќе од месец и пол дена имаме нов совет, сè уште нема распишан конкурс за генерален директор, а надзорниот одбор останува на функција како да нема правна обврска за избор на нов состав.
Според јавно достапните записници од седниците на новиот Програмски совет, се остава впечаток дека целта е да се опструира промената на раководството преку одолговлекување на процесите со што се наметнува и прашањето за потенцијалната кривична одговорност од ваквото несериозно дејствување и произволно толкување на работните обврски кои произлегуваат од законите. Јасно е дека власта на ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ продолжува по стапките на веќе функционалните политичко-бизнис шеми кои ги имаат зариено канџите во оваа клучна институција за јавниот интерес – затоа и го охрабруваат незаконското работење на новиот Програмски совет, сѐ со цел да се задржи истата шема на проневери под диригентската палка на тековното нелегитимно раководство на јавниот сервис.